Отчет на Коњановски: четиригодишен преглед на проекти и резултати
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, денес го презентираше отчетот за својата четиригодишна работа во периодот 2021 – 2025 година. На повеќе од сто страници, граѓаните можат да се запознаат со реализираните капитални и тековни активности на локалната самоуправа, кои според Коњановски ја покажуваат насоката кон модерен и европски ориентиран град.
„Сакаме отчетноста да биде наш начин на работа. Секој проект е потврда дека визијата може да се преточи во реални дела“, истакна градоначалникот.
Во извештајот се наведени десетици завршени или започнати проекти, меѓу кои осветлување на Широк Сокак, изградба на нови влезови во градот од правец на Охрид и Скопје, велосипедски патеки и нов парк во Нова Битола. Изведена е реконструкција и изградба на повеќе од 50 километри улици и патишта, а започната е и подготовката за нов Генерален урбанистички план.
Посебен акцент е ставен на образованието и младите: поставени се фотоволтаици во десет училишта, изградени нови спортски терени и детски паркови, како и нови градинки во различни делови на градот. Поддршка добија и талентираните ученици и првооделенците.
Во делот на спортската инфраструктура, отчетот ги бележи инвестициите на стадионот „Петар Милошевски“, каде што е завршена северната трибина, а во тек е подготовка на проект за јужната.
Покрај инфраструктурните зафати, спроведени се и активности за урбано зазеленување, чистење депонии и социјална поддршка за ранливите категории граѓани, како лицата со попреченост, жртвите на семејно насилство и лицата со ретки болести.
Од Владата на Република Македонија, Општина Битола добила поддршка од 707 милиони денари за реализација на 65 проекти, од кои 14 се веќе во тек.
Отчетот, според градоначалникот, е показател за доследноста и транспарентноста на локалната самоуправа, но и насока за идните планови на општината.