СОЗР информира за новите таблички за службени возила, со рок за замена до 15 септември
Сите владини тела и јавни правни субјекти имаат должност најдоцна до 15 септември годинава да ги заменат регистарските ознаки на службените возила со нови, посебни таблички во боја.
Повеќе информации се очекуваат на денешната прес-конференција што ја најави Службата за општи и заеднички работи на Владата.
Најавено е присуство на директорот на СОЗР, Ивица Томовски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, вицепремиерот задолжен за добро владеење Арбен Фетаи, како и директори на други државни институции.
Решението за оваа иновација беше донесено на владината седница на 29 јули. „Целта на оваа мерка е јасна: зголемување на транспарентноста, отчетноста и воспоставување контрола во користењето на службените возила“.
Означувањето на возилата ќе им овозможи на граѓаните лесно да ги распознаваат од приватните, со што ќе се спречи нивната злоупотреба за лични, приватни или партиски потреби, објаснија тогаш од СОЗР. Беше најавено дека ќе биде отворена и телефонска линија, каде граѓаните ќе можат да известуваат за незаконско користење на службените автомобили. Се потенцираше дека „секоја пријава ќе биде евидентирана и ќе се постапува согласно законските процедури“.
Во финална фаза е и подготвувањето на централен регистар за сите службени возила, што ќе овозможи дополнителна контрола и преглед во нивното користење. „Со оваа одлука се исполнува уште едно клучно ветување – одговорно управување со државните ресурси и целосна отчетност кон јавноста. Државата испраќа јасна порака дека јавните ресурси се за јавна употреба, а не за лична корист. Преку воспоставување на систем за јавен увид и контрола, се поставуваат повисоки стандарди на интегритет и одговорност во работењето на сите институции“, беше потенцирано во соопштението од СОЗР.