Југословенски, не српски свет
Кога во Македонија се појавуваат слогани како „српски свет“, тие тешко наоѓаат емоционален одѕив кај македонските граѓани. Историското искуство едноставно не ја поддржува таа идеја. Српската политика кон Македонија во минатото била обременета со окупации, асимилациски притисоци и потценување на македонскиот идентитет.
Но, ако постои период во кој македонците некогаш почувствувале заедништво, достоинство и заштита, тоа не е под српските кралеви, туку во времето на Југославија – и тоа најмногу преку харизмата на Тито, Хрват по националност, кој симболизираше една заедница.
Во рамките на федерацијата, Македонија за првпат во својата историја доби институции на држава: свој јазик, своја академија, своја црква (иако непризната, но фактички постоечка), и свое место во меѓународниот контекст. Македонците таму не беа малцинство кое мора да се бори за право на име и јазик – туку рамноправен конститутивен народ.
Токму тој момент на рамноправност остави длабока трага во колективната меморија и ја обликува денешната перцепција за стабилноста и достоинството што го чувствуваа како дел од поголема заедница.
Македонија, денес, со својот ограничен пазар и слаба економија, тешко може да се спротистави на културните влијанија од север, кои лесно го пополнуваат вакуумот на понуда и се наметнуваат во медиумите, естрадата и забавната индустрија. Сепак, ова присуство не произлегува од желба за „српски свет“ или национална асимилација, туку е резултат на континуитетот на југословенската етсрадна сцена која формираше вкусови и навики кај македонската публика.
Секако, федерацијата имаше свои слабости – авторитарност, цензура, нерамномерна економија и латентни национални тензии. Но историјата често се памети низ призма на митологија. Сегашните предизвици, кризите и поделбите во регионот дополнително го „билдаат“ митот за југословенскиот период како време на стабилност, рамноправност и достоинство.
Како мал народ, македонците отсекогаш имале афинитет кон пошироки форми на соработка и заедништво – Југославија (единствената вистинска реалност што ја доживеале, иако заврши неславно), замислената Балканска федерација, а денес Европската унија. Тоа се рамки во кои се чувствуваат побезбедни, повеќе признаени и рамноправни.
Носталгијата која денес постои во Македонија, кај еден дел од населението, не е врзана за Белград, ниту за српската монархија – туку за југословенската епоха. Тоа беше времето кога обичниот граѓанин се чувствуваше економски сигурен, културно видлив и политички признат. Затоа, секое повикување на „српско братство“ или „српски свет“ во Македонија звучи неубедливо, па дури и провокативно. Емоцијата е врзана со југословенската идеја, а не со српскиот национализам.
Пишува Световид
Колумните се лични ставови на авторите и Pelanet.mk не носи одговорност за нив.