Нова инвестиција за подобри услови за живот во Општина Новаци
Согласно потребите и приоритетите на граѓаните, Општина Новаци започна со реализација на уште еден значаен инфраструктурен проект, кој има за цел подобрување на секојдневните услови за живот и создавање побезбедна и поуредена средина.
Во рамките на проектот „Инвестиции во унапредување на комуналната и патната инфраструктура во Пелагонискиот регион“, започна реконструкција на една од постоечките улици во општината, која долго време се наоѓаше во лоша состојба и претставуваше проблем и за жителите и за сите кои секојдневно ја користат.
Со овој зафат ќе се овозможи улицата да биде попристапна, побезбедна за возачите и пешаците, но и функционално поврзана со околните објекти кои нудат економски и социјални услуги од значење за локалното население.
Реконструкцијата опфаќа повеќе сегменти:
- санација и целосна реконструкција на улица со должина од 329 метри,
- уредување и реконструкција на одводниот канал покрај улицата за подобра заштита од атмосферски води,
- изработка на нов уличен сливник кој ќе овозможи правилно одведување на водата и дополнителна безбедност во сообраќајот.
Со ваквиот пристап, не само што ќе се унапреди локалната патна инфраструктура, туку ќе се подобрат и условите за живот на жителите преку создавање уредна и модерна сообраќајница, која ќе придонесе за поголема вредност на целата околина.
Проектот се реализира преку Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, во рамките на Програмата за рамномерен регионален развој на Министерството за локална самоуправа преку Бирото за регионален развој.
Со ваквите инвестиции, Општина Новаци уште еднаш го покажува својот фокус кон рамномерниот развој, модернизацијата на инфраструктурата и зголемувањето на квалитетот на живот за сите граѓани.