Ново челично јаже на Пелистер: поголема безбедност на патеката „Камењар“
На планинарската патека Камењар е поставено ново челично јаже со вкупна должина од 90 метри, распоредено на повеќе секции на делницата Видиковец (2000 м.н.в.) – Врв Стив (2468 м.н.в.). Со ова значително се зголемува безбедноста и брзината на движењето на планинарите.
Патеката „Камењар“ важи за една од најубавите и најживописни планински патеки во Македонија. Стартува од паркингот пред Хотел „Молика“ (1430 м.н.в.), продолжува кон Копанки, а потоа по североисточниот и северниот раб на Баба планина преку Врв Стив и Врв Илинден (2540 м.н.в.), води до највисокиот врв – Пелистер (2601 м.н.в.).
После Видиковец, во зоната над 2000 метри надморска височина, планинарите можат да уживаат во неверојатни панорамски погледи. На југ и запад се простира Преспанското Езеро со делови од Грција (до Олимп) и Албанија, на север се гледа Солунска Глава, а на исток – при поволни временски услови – погледот зад Врв Кајмакчалан допира сè до планините Рила и Пирин во соседна Бугарија.
Патеката е долга околу 8 километри, со вкупно совладување на 1210 метри висинска разлика.