Потврдата на кредитниот рејтинг „BB+“ е сигнал за доверба во македонската економија
Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на Македонија на нивото „BB+“ со стабилен изглед. Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, оценува дека ова е потврда за стабилноста на економските политики и јасен сигнал за доверба во макроекономските перспективи на земјата.
Во извештајот на „Фич“ се истакнува дека кредибилните и доследни макроекономски политики, долгорочната практика на фиксен девизен курс и подобрените показатели за управување во споредба со земјите со сличен рејтинг остануваат клучни фактори за економската стабилност.
„Потврдата на кредитниот рејтинг на ‘BB+’ со стабилен изглед е важен сигнал до меѓународните финансиски пазари и инвеститорите дека Македонија успешно ја зачувува економската стабилност и во услови на глобални предизвици“, изјави министерката.
Таа додаде дека одлуката на „Фич“ претставува охрабрување за продолжување на реформите, јакнење на фискалната дисциплина и подобрување на конкурентноста на македонската економија, со крајна цел – обезбедување повисок животен стандард за граѓаните и создавање нови можности за развој.