Светската мрежа три децении подоцна – Бернерс-Ли признава дека интернетот тргнал по погрешен пат

Човекот кој стои зад најголемото технолошко откритие на модерното време, Сер Тим Бернерс-Ли, денес со горчина зборува за сопствениот изум. Пред повеќе од три децении тој го замисли светот поврзан преку глобална мрежа – идеја која во 1989 година прерасна во World Wide Web.

Во тоа време, неговата визија беше јасна: пристапот мора да биде отворен и универзален. Наместо да наплаќа лиценци или авторски надоместоци, тој реши кодот да биде достапен за сите. „Ако луѓето требаше да плаќаат за секое пребарување или за секое качување на содржина, мрежата никогаш немаше да се развие,“ вели Бернерс-Ли во еден од своите текстови.

Со поддршка од ЦЕРН, каде што тогаш работеше, интернетот доби статус на слободен ресурс, а неколку години подоцна Бернерс-Ли го основа познатиот World Wide Web Consortium (W3C) на МИТ. Намерата била да се создаде простор за креативност, соработка и еднаков пристап за сите.

Денес, сепак, тој признава дека мрежата не изгледа така како што ја замислувал. Наместо алатка за слобода, интернетот станал поле каде што доминираат големите корпорации. „Дали вебот е навистина слободен? Не, барем не целосно,“ наведува Бернерс-Ли.

Тој укажува на платформите кои собираат огромни количини лични информации и ги претвораат во профит, со што обичниот корисник повеќе не е клиент, туку производ. Дополнително, посочува на алгоритмите кои владеат со социјалните мрежи и кои, според него, носат сериозни последици за младите генерации.

„Некое време помеѓу раѓањето на интернетот и подемот на социјалните мрежи тргнавме по погрешен пат,“ заклучува Бернерс-Ли, не криејќи дека денес чувствува извесна горчина поради одлуката што некогаш изгледала како единствено правилна.


1258

Задолжително

Verified by MonsterInsights