Акционерите на Стопанска банка Битола имаат рок до 10 октомври за продажба на акции
Алта банка АД Белград потсетува дека рокот за јавната понуда за акционерите на Стопанска банка АД Битола истекува на 10 октомври 2025 година. Сите заинтересирани акционери можат да ги продадат своите акции по фиксна цена од 3.777 денари за една акција, преку овластени банки и лиценцирани брокерски куќи.
Според објавените податоци, понудата опфаќа вкупно 371.528 акции, а ќе се смета за успешна доколку бидат преземени најмалку 273.295 акции, односно 70,03% од вкупниот број. Алта група, заедно со поврзани лица, веќе располага со 19.439 акции во битолската банка.
На листата на значајни акционери се наоѓаат Пелистерка АД Скопје со околу 16,99%, Орка холдинг, Скопски пазар и повеќе индивидуални инвеститори. Управниот одбор и дел од вработените ја оценуваат понудата како поволна, додека големите акционери засега немаат официјално соопштено став.
Алта банка нагласува дека сите трансакции мора да се реализираат согласно регулативите и преку посредници со потврдена сопственост и валидирани нарачки. Одлуката на неколку големи акционери, според пазарните аналитичари, ќе биде клучна за исходот на понудата.