Зоран Лазаревски – Паљо со остар напад кон „Поинаку“

Кандидатот за градоначалник на Битола, Зоран Лазаревски – Паљо, во ново видео обраќање на социјалните мрежи упати остри критики кон движењето „Поинаку“, обвинувајќи ги за лицемерие, манипулации и предавство на идеалите со кои се појавија пред неколку години.

Во клипот, кој тој го најави како „многу важно“ во рамките на неговата кампања за локалните избори 2025, Паљо отворено ја објаснува причината зошто, покрај големите партии, најмногу ги напаѓа токму „Поинаку“.

„Јас сум човек што пораснал на улица и имам силни инстинкти за луѓе и ситуации. Тие успеаја да ме излажат – а тоа ретко може да се случи. Ми изгледаа како вистински отпор, како револуција. А на крај се покажа дека не се ни отпор, ни револуција. Тие станаа полоши од партиите“, изјави Лазаревски.

Тој обвинува дека „Поинаку“ ја злоупотребиле довербата на граѓаните, претставувајќи се како независни и реформски ориентирани, а во реалност, според него, станале дел од истиот партиски систем што го критикувале.

„Што велеше Исус во Библијата? – ‘Пазете, ќе дојдат волци во овчки кожи’. Ете, тоа се случи со ‘Поинаку’. Осум години се во локалната политика, ништо не направија. И сега пак зборуваат за катастрофа, а четири години имаа претседател на Совет“, порача Паљо.

Тој ги спомена Габриела Илиевска, Миле Трајковски, Чулаковски и Алмир Адемоски, повикувајќи ги на јавна дебата:

„Излезете со мене, сите четворица. Кај сакате, кога сакате – на ваш терен, во ваш услови, во ваш медиум. Да дебатираме пред Битолчани, за доброто на градот.“

Лазаревски повтори дека нема ништо лично против нивните професии или семејства, но дека „чашата е преполнета“ и дека не може повеќе, како што рече, „Битола да се мајтапи со празни приказни и лаги“.

Во завршницата, тој предложи дебатата да се одржи на Тера телевизија, како што вели, „нашата, битолска телевизија“, и најави дека ќе продолжи со отворена и директна кампања „за вистината и за Битолчани“.

Со овој настап, Паљо ја засили својата конфронтација со движењето „Поинаку“, префрлајќи го фокусот од критика на партиите кон напад на оние кои, според него, „се претставуваат како независни, а се дел од истиот систем“.


1497

Задолжително

Verified by MonsterInsights