Тони Коњановски: Голема победа и благодарност до битолчани!
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, упати голема благодарност до сите битолчани за довербата на изборите, нагласувајќи дека градот уште еднаш покажал зрелост, визија и јасна определба за континуитет, развој и сигурен напредок без кочници.
Коњановски истакна дека граѓаните ја препознале работата, проектите и резултатите реализирани во изминатите четири години, а мнозинството обезбедено во Советот на Општина Битола претставува гаранција за стабилност, енергија и заедничка посветеност на секој проект што ја подобрува сликата на градот.
„Со оваа победа не завршуваме – од утре продолжуваме уште посилно. Ќе работиме со иста посветеност, искреност и одговорност, затоа што Битола го заслужува најдоброто,“ порача Коњановски.
Тој додаде дека во новиот мандат фокусот ќе биде на развој на современа, поубава и поперспективна Битола, град кој создава подобри услови за сите генерации.
На крајот, градоначалникот упати порака до сите граѓани:
„Благодарам на секој што веруваше, поддржа и гласаше за работа, резултати и напредок. Оваа победа е ваша!“