ПИВКОВСКИ СЕ ПОВЛЕЧЕ ОД ТРКАТА – СО ПОДДРШКА ЗА САБОТКОВСКИ ВО МОГИЛА

Независниот кандидат за градоначалник на Општина Могила, Сашо Пивковски, ја повлече својата кандидатура и соопшти дека нема да учествува во вториот круг од локалните избори.

Во своето обраќање до јавноста, Пивковски истакна дека одлуката ја донел по долги разговори и консултации со граѓаните и поддржувачите, нагласувајќи дека не се работи за политички притисок, туку за личен и морален чин.

„Одлучив да се повлечам, затоа што верувам дека интересот на општината и заедништвото меѓу луѓето се поважни од било каква политичка амбиција. Не сакам мојата кандидатура да биде причина за поделби или недоразбирања меѓу пријатели и сограѓани,“ изјави тој.

Пивковски потенцира дека останува верен на вредностите и принципите на ВМРО-ДПМНЕ, со која, како што рече, го врзуваат долгогодишна припадност и заедничка цел – подобар живот за граѓаните.

„Лидерството не се мери само со тоа колку далеку ќе одиш, туку и со тоа дали знаеш кога е време да направиш чекор назад за повисока цел. Се повлекувам достоинствено, со мирна совест и со искрена желба општината да продолжи напред,“ додаде Пивковски.

Тој им се заблагодари на сите кои му укажаа доверба и порача дека и понатаму ќе остане активен и посветен на интересите на граѓаните на Могила.


1338

Задолжително

Verified by MonsterInsights