Порше во загуба од речиси милијарда евра поради смена на стратегијата

Германскиот производител на спортски автомобили Порше првпат по излегувањето на берза во 2022 година се соочи со голем финансиски удар – компанијата објави загуба од речиси една милијарда евра, поради прескапата транзиција кон нова генерација на бензински и хибридни модели наместо електрични возила.

Во третиот квартал од 2025 година, групацијата регистрирала оперативна загуба од 967 милиони евра, за разлика од оперативна добивка од 974 милиони евра во истиот период лани. Во првите девет месеци годинава, вкупниот оперативен профит изнесува само 40 милиони евра, во споредба со над четири милијарди евра во 2024 година, пренесува SEEbiz.

Порше, кој долго време беше еден од најсигурните извори на профит за Volkswagen групацијата, сега се соочува со слабеење на побарувачката за електрични возила, пад на продажбата во Кина и зголемени царини во САД.

„2025 година ќе биде најслаба година во овој циклус. Порше свесно прифати послаби резултати за да ја реструктуира својата производна линија,“ изјави извршниот директор Јохен Брикнер.

Минатиот месец компанијата соопшти дека ќе запише трошоци од 1,8 милијарди евра поради откажување на проектот за целосно електричен автомобил, а наместо тоа ќе се фокусира на нови бензински и хибридни модели.

Во септември, Порше ја намали прогнозата за оперативна маржа за 2025 година на 0 до 2 проценти, што е драстичен пад во однос на 14 проценти минатата година. Новата стратегија подразбира засилување на понудата со традиционални и хибридни модели, како реакција на пазарните притисоци.

Најголемиот удар доаѓа од Кина, каде продажбата падна за 26 проценти во првите девет месеци од годината. Спротивно на тоа, на американскиот пазар продажбата пораснала за повеќе од пет проценти, но компанијата таму се соочува со царински давачки на сите возила, поради недостиг од локално производство.

Порше влегува во 2026 година со големи очекувања дека редизајнираната стратегија ќе ја врати стабилноста – но патот кон профит повторно ќе биде скап и неизвесен.


1223

Задолжително

Verified by MonsterInsights