Мариовското друштво „Калеш Анѓа“ од Канада го прослави Петковден
Во свечена и радосна атмосфера, во банкетната сала на црквата “Свети Димитрија Солунски“ во Маркам, се одржа годишниот банкет на Мариовското друштво ‘Калеш Анѓа“, по повод големиот православен празник Петковден. Настанот ја собра македонската заедница и многу мариовци кои со голема гордост ги прославија својата традиција и потекло.
Годинешни кумови беа Мита и Јован Цветковски од Старавина, а наредната година таа чест им припадна на Ристо и Марија Младеновски од Витолиште.
Лебот, виното и пченицата ги благословија повеќе свештеници од македонските православни цркви на овие простори: Отец Трајко Босеовски од МОЦО “Свети Кирил и Методиј” – Бафало, Горан Ристески од МПЦО “Свети Димитрија Солунски” – Маркам, Александар Зашов од МПЦО “Света Недела” – Ејџекс, и Отец Јован Босеовски.
Претседателот на друштвото, Митре Чачевски, упати искрена благодарност до сите присутни за нивната поддршка и придонес во зачувувањето на мариовската традиција и македонскиот дух. Атмосферата беше исполнета со радост, песни и ора, а за прекрасната вечер се погрижи Sonja & Oliver Band, кои го донесоа вистинскиот дух на Мариово со својата музика и енергија.
Посебна благодарност беше упатена до шефот Кире Босеовски и неговиот тим, кои подготвија впечатлива трпеза со извонредни специјалитети што ги воодушевија сите присутни.
Во текот на вечерта беше извлечена и лотарија, а настанот заврши со многу насмевки, пријателства и желба за повторна средба следната година.
Банкетот на Мариовското друштво “Калеш Анѓа“ уште еднаш потврди дека македонскиот дух, традицијата и заедништвото живеат силно меѓу Македонците во Канада.