ВМРО-ДПМНЕ СО УБЕДЛИВА ПОБЕДА – 54 ГРАДОНАЧАЛНИЦИ И ТРИУМФ ВО СКОПЈЕ

По завршувањето на двата изборни круга, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ извојува убедлива победа на Локалните избори 2025, освојувајќи вкупно 54 градоначалнички места, меѓу кои и Градот Скопје. Со тоа, најголемата политичка сила во земјата ја потврди својата доминација и масовната поддршка од граѓаните, кои јасно го препознаа курсот на стабилност, развој и резултати.

Со оваа победа, ВМРО-ДПМНЕ ја зацврстува својата мрежа на локална власт, најавувајќи нова етапа на реформи, инвестиции и обновена енергија во општините. Од партијата порачаа дека следува период на работа, отчетност и промени што ќе се чувствуваат на терен.

Зад ВМРО-ДПМНЕ, според конечните резултати, следува коалицијата ВРЕДИ со девет градоначалници, додека СДСМ ќе управува со осум општини. НАИ освои пет, а ЗНАМ, ДПТ и УР по еден градоначалнички мандат. Две општини ќе ги водат независни кандидати.

Во вториот круг вчера се гласаше во 32 општини и во Градот Скопје, а во првиот круг на 19 октомври беа избрани 44 градоначалници.

Во четири општини – Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, изборниот процес ќе се повтори во рок од 60 дена поради недоволен одѕив на гласачите.

Ова се осми по ред локални избори во земјата, а четврти на кои се избираат градоначалници и советнички листи во сите 80 општини и во Градот Скопје. На изборите учествуваа 22 партии, 19 коалиции и 119 независни кандидатури, што ги прави едни од најконкурентните досега.

Победата на ВМРО-ДПМНЕ, според политичките аналитичари, претставува јасна потврда на довербата во новата насока на политиката на партијата, со акцент на практични решенија, економски раст и враќање на оптимизмот меѓу граѓаните.

„Оваа победа е на народот – на сите што веруваат дека Македонија може подобро. Сега следува време на работа, резултати и обединување,“ порачаа од ВМРО-ДПМНЕ по објавувањето на резултатите.

Со триумфот во Скопје и повеќето општини низ земјата, ВМРО-ДПМНЕ ја отвора новата страница на локално управување посветено на развој, стабилност и европска иднина.


1288

Задолжително

Verified by MonsterInsights