Бојан Бојкоски избран за нов претседател на Советот на Општина Битола
Со 18 гласа „за“, 11 „против“ и двајца „воздржани“, Советот на Општина Битола на денешната седница го избра Бојан Бојкоски од ВМРО-ДПМНЕ за нов претседател. За него гласаа советниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, ДУИ и ЗНАМ, против беа СДСМ, Поинаку и Левица, а воздржани ГРИН и ЛДП.
Бојкоски беше единствениот кандидат предложен од советничкото мнозинство и ова му е втор мандат во Советот, каде досега ја извршуваше функцијата координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и важеше за еден од најактивните говорници.
Во своето прво обраќање како претседател, Бојкоски истакна дека функцијата ја прифаќа со чувство на голема одговорност и дека приоритет ќе му биде конструктивна, достоинствена и продуктивна работа на Советот.
„Нашата цел е јасна — проект повеќе за Битола. Владата е наш вистински партнер во развојот на општината, со која заеднички ќе обезбедиме финансиска и институционална поддршка за значајни проекти во инфраструктурата, образованието, спортот и јавните услуги,“ нагласи тој.
Бојкоски повика на побрза реализација на започнатите инвестиции, дисциплина кај изведувачите и поголема одговорност кон граѓаните. Притоа порача дека нема да толерира доцнења, неквалитетна изведба, ниту пак лични пресметки и навреди во салата на Советот.
„Советот мора да биде пример за достоинствена дебата, а не арена за конфликти. Ќе работиме транспарентно, дигитално и во чекор со времето,“ рече Бојкоски, додавајќи дека ќе се заложи за унапредување на Деловникот и поефикасно функционирање на советничкото тело.
„Битола заслужува совет што ќе гради, а не што ќе кочи. Ќе успееме – затоа што само обединети можеме да создадеме подобра Битола,“ порача новиот претседател на Советот.