Семакедонска средба 2025 одржана во Штип
Во организација на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија „Мирка Гинова“ – Штип и Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија – МАКЕДОН, денес во ресторанот „Оаза“ во Штип се одржа традиционалната Семакедонска средба 2025.
Настанот беше поздравен од претседателот на здружението „Мирка Гинова“, Стојан Димков, претседателот на МАКЕДОН, Александар Јаневски, проф. д-р Никола Жежов и Кирил Тилев, претседател на ОМО „Илинден“.
Програмата ја збогатија музичката група „Ритмот на Македонија“ од Егејскиот дел на Македонија, составена од млади музичари од Мегленскиот крај. Настап имаа и вокалистката Моника Стојчева со нејзината група, како и Ансамблот за традиционална музика и игра „Митко Алексов“ од Кочани, предводен од Даниел Ѓеоргиевски.
На средбата присуствуваа Македонци од различни делови на државата, кои во пријатна атмосфера се присетија на спомени, разменија идеи и уживаа во традиционалните песни и ора од Егејскиот дел на Македонија.
Организаторите порачаа дека ваквите собири се потсетник на потребата од семакедонско обединување и меѓусебно разбирање, нагласувајќи дека единството е клучно за зачувување на културниот идентитет и за иднината на македонскиот народ.