ИСТОРИСКОТО НАСЛЕДСТВО НА МАКЕДОНИЈА Е ОБВРСКА, А НЕ УКРАС ИЛИ СЕНТИМЕНТ Мицкоски на отворањето на Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци
Денес, тука, не зборуваме само за програми, за платформи, за бројки или мерки. Зборуваме за нешто поголемо. За обновата на македонската самодоверба. За враќање на чувството дека оваа земја не е случајност, туку наследство, не е експеримент, туку победено право, не е компромис, туку завет од генерации што се бореле за да постоиме ние– рече Мицкоски во својот говор.
Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, на отворањето на денешниот 18. Конгрес на партијата кој се одржува во спортскиот комплекс ,,Јасмин” во општина Кавадарци под мотото „Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030″, имаше свое обраќање и се осврна на темата за државноста. Тој истакна дека наследството за јазик, државност и културната самобитност создаваат три обврски за денешната генерација, а самото историско наследство е најсилен мотив државата да биде поефикасна и поорганизирана.
– Историското наследство на македонската државност не е сентимент или украс. Тоа е обврска. Од Илинденската идеја, преку АСНОМ, до независноста во 1991 година, секоја генерација ја има истата должност: да ја штити државата институционално, безбедносно, економски и културно. Историјата не е товар, туку темел врз кој се гради современата национална самодоверба – рече Мицкоски.
Мицкоски трите обврски на денешната генерација се континуитет, модернизирање и достоинството на македонската државност и идентитет.
– Наследството на борбата за слобода, јазик, државност и културна самобитност создава три обврски за денешната генерација: прво, да се зачува континуитетот и достоинството на државноста и идентитетот , да се модернизира државата така што ќе биде отпорна на надворешни притисоци и внатрешни слабости, и трето да се спречи злоупотребата на историјата за дневнополитички цели – кажа Мицкоски и додаде:
,,Во 21 век, историското наследство не може да биде изговор за застој. Напротив, тоа е најсилен мотив државата да биде поефикасна, поорганизирана и повредносно кохерентна. Жртвите и идеалите на претходните генерации ја прават сегашната неефикасност, институционална слабост или корупција уште понедозволиви”.