Значаен инфраструктурен проект за Општина Новаци – нов систем за наводнување
Општина Новаци добива значајна поддршка за развој на земјоделството преку реализација на нов систем за наводнување, откако денес министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, потпиша договор за директен грант со Европската Унија, финансиран преку ИПА програмата.
Проектот предвидува воспоставување на современ систем за наводнување кој ќе опфати околу 400 хектари плодно земјоделско земјиште на територијата на општината. Со неговата реализација значително ќе се подобрат условите за земјоделско производство, ќе се зголеми ефикасноста во користењето на водните ресурси и ќе се обезбеди посигурно и поквалитетно наводнување на обработливите површини.
Од Општина Новаци посочуваат дека станува збор за проект од исклучително значење за локалниот развој, кој директно ќе придонесе за зајакнување на економијата и за унапредување на условите за работа на земјоделците во регионот.
Воедно, беше изразена благодарност до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и до министерот Трипуновски за поддршката и континуираната посветеност кон руралниот развој.
Надлежните информираат дека јавноста ќе биде навремено известувана за сите наредни чекори поврзани со реализацијата на проектот.