Струјата поскапува од Нова година: од 57 денари за најштедливите, до 900 денари за најголемите потрошувачи

Од 1 јануари 2026 година сметките за електрична енергија ќе се зголемат, но во различен износ, зависно од тоа колку струја троши едно домаќинство. Зголемувањето ќе изнесува од 57 денари месечно за најштедливите, па сè до околу 900 денари за домаќинствата со највисока потрошувачка.

Ова го соопшти претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, кој нагласи дека одлуката е конечна и ќе почне да се применува од Нова година. Таа е донесена и покрај барањето на ЕВН Хоум за значително поголемо поскапување на струјата.

Колку ќе плаќаат домаќинствата?

Најголем дел од граѓаните – околу 63,8 отсто или 517.400 домаќинства – кои трошат струја само во првиот блок, ќе имаат зголемување од 57 денари месечно, што е раст од 2,28 проценти.

Домаќинствата што влегуваат во првиот и вториот блок ќе плаќаат околу 70 денари повеќе месечно, односно зголемување од 2,59 отсто. Во оваа група спаѓаат уште околу 169 илјади потрошувачи.

За оние што трошат струја во првиот, вториот и третиот блок, зголемувањето ќе биде околу 370 денари месечно, или 2,79 отсто. Ова се однесува на околу 14 илјади домаќинства.

Најмал број, околу 4.400 домаќинства или 0,55 отсто од вкупниот број потрошувачи, кои трошат струја и во четвртиот, најскап блок, ќе се соочат со најголемо зголемување – околу 900 денари месечно, односно 3,22 отсто.

Помало зголемување од бараното

Бислимоски посочи дека ЕВН Хоум барал зголемување на цените и до речиси 12 отсто во четвртиот блок, но РКЕ одобрила значително пониски проценти во сите блокови. Истото важи и за евтината тарифа, каде што наместо предложените 3,96 отсто, одобрено е зголемување од 2,5 отсто.

„Нашата цел е да се обезбеди стабилно снабдување со електрична енергија, но истовремено да се заштитат граѓаните од ценовен шок“, изјави Бислимоски.

Според него, конечната пресметка е олеснета и со претходната одлука за намалување на трошоците за мрежарина за речиси 5 отсто. Во однос на фиксниот месечен надомест од 200 денари, РКЕ останува на ставот дека тој мора да остане, бидејќи негово укинување би значело уште поголемо поскапување на струјата по блокови.


1210

Задолжително

Verified by MonsterInsights