Стерјовски и Пелеши разговараа за унапредување на правата на Македонците во Албанија
Претседателот на единствената македонска партија во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски, оствари средба со претседателот на Собранието на Албанија, Нико Пелеши, кој воедно важи за долгогодишен пријател и поддржувач на македонската заедница во земјата.
Како што беше соопштено по средбата, разговорите биле насочени кон потребата од понатамошно подобрување на условите за живот и работа на Македонците во Албанија, како и кон можностите за нивна поголема интеграција во општествениот и политичкиот живот на државата.
Стерјовски истакнал дека поддршката од Пелеши претставува значаен фактор за реализација на конкретни чекори во насока на унапредување на положбата и заштитата на правата на македонската заедница. Според него, ваквите средби се важни за отворање на институционален дијалог и за зајакнување на видливоста и учеството на Македонците во јавниот живот на Албанија.
Од двете страни била изразена подготвеност за продолжување на соработката и за заедничка работа на прашања од интерес за македонската заедница, во духот на меѓусебно разбирање и европски вредности.