Виролог предлага вакцина во пивска чаша

Еден американски виролог тврди дека можеби ја нашол формулата за вакцинација без игла – и без солзи, туку со пена. Крис Бак, научник од Националниот институт за рак (NCI) во САД, експериментира со необична „пивска вакцина“, направена од генетски модифициран квасец што носи честички слични на полиомавирус.

Како што пренесува Science News, квасецот не содржи жив вирус, туку таканаречени вирусолики честички. Тие се доволно издржливи за да го преживеат патувањето низ желудникот и да го „разбудат“ имунолошкиот систем – нешто што обичните вакцини тешко го постигнуваат кога се пијат. Тестирањата на глувци дале охрабрувачки резултати, а Бак решил да не чека премногу: самиот испил неколку пива со вакцината. Според него, анализите покажале дека кај него се појавиле антитела против одредени типови BK полиомавирус – барем доволно за научен тост.

Но, научната приказна не поминува без горчлив вкус. Истражувањето предизвика контроверзии, а етички и научни комисии при Националниот институт за здравство (NIH) остро се спротивставија на самостојното експериментирање. Тие предупредуваат на здравствени ризици, но и на можниот ефект врз јавноста, особено кај оние што и онака гледаат сомнително на вакцините.

Додека дел од научната заедница смета дека вакви креативни пристапи се одамна потребни, други стравуваат дека „вакцината во кригла“ може да ја зголеми недовербата наместо да ја намали. Засега, идејата останува на граница меѓу иновација и провокација – доволно сериозна за научна дебата, и доволно необична за насмевка.


1215

Задолжително

Verified by MonsterInsights