ЈП „Паркинзи“ Битола со реакција на објави од „Поинаку“

Јавното претпријатие „Паркинзи“ Битола реагираше на, како што наведува, повеќекратните јавни настапи и објави од Здружението за граѓански развој „Поинаку“ Битола. Од претпријатието посочуваат дека здружението во континуитет упатувало критики за кои во ЈП „Паркинзи“ сметаат дека се неосновани и навредливи.

Според соопштението, организацијата „Поинаку“ во повеќе наврати изнесувала тврдења кои, според ЈП „Паркинзи“, наштетуваат на угледот на претпријатието и на неговиот законски застапник. Од таму додаваат дека досега не реагирале јавно, но оценуваат дека објавата на официјалните профили на „Поинаку“ од 13 јануари 2025 година ја пречекорила границата на јавна критика.

ЈП „Паркинзи“ наведува дека здружението злоупотребувало и јавни платформи, меѓу кои и говорницата во Советот на Општина Битола, со што, според претпријатието, се избегнувала одговорност за објавените содржини.

Од претпријатието го повикуваат „Поинаку“ во рок од три дена јавно да се извини и да ги повлече објавите за кои сметаат дека содржат клевети и навреди. Доколку тоа не се случи, ЈП „Паркинзи“ најавува покренување судска постапка за утврдување одговорност.

Во соопштението се истакнува и очекување ситуацијата да се надмине, а институциите да се насочат кон тековните прашања, наместо кон, како што се наведува, провокации на социјалните мрежи.


1181

Задолжително

Verified by MonsterInsights