Македонците во Албанија ја одбележаа Старата Нова година и Св. Василиј – Василица
Македонците во Република Албанија ја прославија Старата Нова година и празникот Св. Василиј – Василица, со кој традиционално се означува почетокот на годината според јулијанскиот календар. Празникот, како и секоја година, беше одбележан во духот на македонските обичаи и вековната традиција.
Во македонските семејства ширум Албанија – во Голо Брдо, Мала Преспа, Врбник, Тирана, Елбасан, Драч, Корча и Подградец – домаќинките подготвија пита или, како што локално се нарекува, мазник со паричка, неизбежен симбол на празнувањето.
Во пресрет на празникот, синоќа во црквата беше одслужена вечерна богослужба, а денеска и Света Божествена Литургија, која ја предводеа свештениците Алексо Темелко и Ропи Арѓири. По литургијата беше кршена василичарската погача. Најсреќен беше Кире Танас од селото Зрновско, кому му се падна паричката.
„Честит и вековит да ни е празникот. Среќата ми се насмевна мене и многу сум радосен. Посакувам пред сè здравје, среќа и мир насекаде,“ изјави Танас.
Според традицијата, се верува дека на оној кому ќе му се падне паричката, годината ќе му донесе убави случувања. Претседателот на македонското друштво „Илинден“ – Тирана, Никола Ѓурѓај, ја истакна симболиката на обредот и упати честитка по повод Православната Нова година до Македонците во Албанија, во татковината и дијаспората, со желби за здравје и благосостојба.
На настанот традиционално присуствуваше и Васил Стерјовски, претседател на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ). Во свое име и во името на партијата, тој посака Старата Нова година да донесе здравје, среќа и напредок на сите Македонци, каде и да се наоѓаат.
„Нека ни биде година на единство, успеси и напредок за сите нас, Македонците во Албанија. Да продолжиме заедно да го чуваме и афирмираме нашиот македонски идентитет,“ изјави Стерјовски, кој запали и свеќа за здравје.