Коњановски: Корекцијата на цените е неопходна за поефикасни и одржливи јавни претпријатија
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, денеска преку видео обраќање до јавноста се осврна на состојбите во јавните претпријатија, предизвиците со кои се соочуваат, како и на потребата од корекција на цените на дел од нивните услуги.
Коњановски истакна дека прашањата поврзани со јавните претпријатија често се тема на јавни дискусии, а неговото обраќање е насочено кон подобрување на нивната рентабилност и зголемување на ефикасноста во испораката на услугите кон граѓаните.
„Секое од јавните претпријатија се соочува со свои предизвици. Енергетската криза пред неколку години претставуваше сериозен удар, а дополнително влијание има и зголемувањето на платите согласно растот на минималната плата“, нагласи градоначалникот.
Тој посочи дека неопходни се и инвестиции во механизација и опрема, особено во пресрет на најавената градежна офанзива, во рамки на која јавните претпријатија ќе имаат значајна улога во реализацијата на проектите што Општина Битола ги доби со поддршка од Владата.
Според Коњановски, во дел од битолските јавни претпријатија цените на услугите не биле коригирани со децении.
„Како пример, комуналните услуги немаат промена на цените уште од 1994 година. По примерот на други градови, и ние сме пред сериозен предизвик – зголемување на цените на дел од услугите“, рече тој.
Градоначалникот призна дека ваквата мерка не е популарна, но, како што нагласи, е неопходна за создавање финансиски посамостојни и поефикасни јавни претпријатија.
„Верувам дека граѓаните ќе имаат разбирање за аргументите поврзани со корекцијата на цените и дека заедно ќе продолжиме да градиме одржлив систем на функционирање на јавните претпријатија“, порача Коњановски, заблагодарувајќи им се на битолчани за поддршката.