Ретро изложба и промоција на легендарното „Чоканче“ во Прилеп
Во петок, 30 јануари 2026 година, во 18:30 часот, во Ликовната галерија на Националната установа „Центар за култура – Марко Цепенков“ во Прилеп, ќе се одржи ретроспективна изложба на рок фотографии од легендарната група „Чоканче“, проследена со слушална промоција на нивните албуми „Чоканче 1&2“ и „Апсолутно романтично“.
Настанот претставува единствена можност за обожавателите на групата, како и за пошироката публика, да се запознаат или да се потсетат на една од најзначајните рок-форми во македонската музичка историја преку автентични фотографии кои го бележеa нивниот пат. Изложбата нуди поглед во архивата на бендот, во периодот на нивното најголемо творештво и сценска активност.
Паралелно со визуелниот дел, на посетителите ќе им биде понудена можност да го слушнат обновениот звук на двата знаменити албуми, „Чоканче 1&2“ и „Апсолутно романтично“, во целосна дигитална форма на CD. Ова е уникатна прилика за доживување на нивната музика во висок квалитет, во простор посветен на ликовната уметност.
Организаторот, НУЦК „Марко Цепенков“, ги повикува сите љубители на добра музика, уметност и носталгија „да дојдат да се дружат“ и заедно да ја прослават трајното музичко наследство на „Чоканче“.
Влезот е слободен за сите заинтересирани.