На денешен ден почина Митрополит Скопски Теодосиј Гологанов
На денешен ден почина еден од најупорните припадници на антиегзархиското движење во Македонија, кое зело силен замав во текот на 90-те години на XIX век – Митрополит Скопски Теодосиј Гологанов (7 јануари 1846 , Трлис, денес во Егејскиот дел на Македонија – 1 февруари 1926, Софија). Гологанов бил категоричен противник на странските пропаганди во Македонија. Од својата епархија ги протерал сите учители родум Бугари и на нивно место поставил Македонци. Во документите што биле издавани од него ги испуштил зборовите „Бугарска егзархија“, а тие биле печатени на македонски јазик – „велешко-штипско наречје“.
„Ние Македонците, запишал Гологанов, немаме толку мака од Турците … колку од Грците, Бугарите и Србите, кои како орли на мрша се впуштија во оваа наша многустрадална земја и сакаат да ја расчеречат … Нашата Егзархија со својата црковна и просветна дејност тука во Македонија ја врши всушност најмизерната задача, му го одзема името на еден народ и го заменува со друго, му го одзема мајчиниот јазик и го заменува со туѓ, му ги одзема сите национални белези и ги заменува со туѓи … Ние духовниците по потекло Македонци, треба да се здружиме и да го покренеме нашиот народ да се разубеди, да ги отфрли туѓинските управи, да ги отфрли Патријаршијата и Егзархијата и да се обедини духовно под закрилата на Охридската архиепископија, нивната вистинска мајка црква.”
Синодот на Бугарската егзрхија донел одлука да се отстрани митрополитот Теодосиј од Скопје со помош на турската власт. Бил обвинет за „антиегзархиска и антибугарска дејност, печатење книги на старомакедонски јазик, а не на бугарски јазик“, за „обид да ја обнови Охридската Архиепископија“, а најмногу за „обид да го одвои бугарското население во Македонија од Бугарија, создавајќи некаква, народност, која не постои во историјата“.
Крајот од својот живот Теодосиј Гологанов го поминува во Духовната академија во Софија, каде што умира на 1 февруари 1926 год. Тој бил духовен водач на Македонците во времето, во кое живеел, останувајќи верен на својот македонски народ и на своите идеали до крај.