Центарот за култура ја заокружи 2025 година со рекордни 130.000 посетители и го одбележа големиот јубилеј
Во 2025 година, Центарот за култура – Битола не само што ги одбележа значајните јубилеи – 45 години од самото основање, 55 години Фестивалот „Илинденски денови“ и 50 години Детската ликовна изложба – туку и постигна високи резултати со над 300 реализирани настани и повеќе од 130.000 посетители. Ова го потенцираше директорот на институцијата, Сашо Илковски, на тркалезната маса за програмата за култура на Општина Битола.
Сценските простори на Центарот, како што се наведува, остануваат отворени за широка палета на културни дејности: од музички и театарски претстави, фолклорни концерти и филмски проекции, до иницијативи на невладиниот сектор и самостојни уметници. Институцијата активно работи на мотивирање, поддршка и афирмација на уметници од Битола, регионот и целата држава.
„Особено значајна во овој процес е континуираната поддршка на Општина Битола, која преку финансиска, логистичка и програмска соработка се јавува како вистински креативен партнер“, истакна Илковски. Оваа соработка, според неговите зборови, е темел на кој се гради современата културна идентичност на градот.
Покрај размената на домашни културни вредности, Центарот овозможува и следење на светските текови преку гостувања на меѓународни уметници и ансамбли, со цел да се задоволат потребите на широката публика и да се поттикне поединецот да биде активен творец, а не само набљудувач.
Визијата за иднината
Следејќи ја тенденцијата за трансформација во современ мултимедијален и мултинаменски центар, Центарот за култура планира во наредниот период да го задржи и надгради високиот квалитет на традиционалните фестивали, како што се:
- „Илинденски денови“
- Интернационалниот фестивал на монодрама
- Фестивалот на музика од светот
- Интернационалниот етнографски филмски фестивал
Паралелно, целта е да се воспостават нови креативни текови кои ќе ги поттикнат и афирмираат идеите на новите генерации уметници.
„На тој начин, со заеднички сили и визија, ќе продолжи да чука во вистински ритам „Културното срце на Битола“, заклучи директорот Илковски.