Мицкоски најавува модернизација и подмладување на раководството на ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ влегува во нова фаза на внатрепартиска консолидација и модернизација, најави претседателот на партијата и премиер Христијан Мицкоски, информирајќи дека во овој мандат партијата ќе функционира без потпретседатели, со јасно дефинирана структура составена од претседател, генерален секретар и членови на Извршниот комитет (ИК).

Како што истакна Мицкоски во интервју за Македонската телевизија, позицијата потпретседател не е задолжителна категорија според статутот на партијата и нејзиното укинување има за цел да обезбеди „рамен терен“ за сите кадри кои сакаат активно да придонесат во партијата и во Владата. Ваквиот пристап, според него, отвора простор за нови идеи, поголема конкуренција и поголема вредност за ВМРО-ДПМНЕ.

Досегашните потпретседатели, кои во изминатите години беа меѓу најблиските соработници на Мицкоски, ќе продолжат да имаат значајна улога во партијата како членови на Извршниот комитет. Новиот состав на ИК ќе брои 29 члена, при што од 20 до 25 проценти ќе бидат нови лица, што претставува јасен сигнал за подмладување и освежување на партиското раководство.

Централниот комитет, на вечерашната седница, ќе избере нов Извршен комитет и нов генерален секретар, а по автоматизам дел од ова тело ќе бидат и претставниците на Унијата на млади, Унијата на жени, Унијата на ветерани, координаторот на пратеничката група и други статутарни членови.

Мицкоски најави и распишување избори за нови раководства на Унијата на ветераните, Унијата на младите и Унијата на жените, како дел од поширокиот процес на внатрешна демократизација и кадровска обнова.

Првиот состанок на новиот Извршен комитет се очекува следната недела, кога ќе се донесе одлука за генерален реизбор на општинските комитети на партијата. Во тој период, како што најави премиерот, ќе следуваат и кадровски решенија за градските и републичките партиски структури, со што ќе се заокружи врвната организациска поставеност на ВМРО-ДПМНЕ.

Паралелно со партиските активности, Мицкоски најави и динамичен период за Владата, со фокус на реформи и конкретни резултати за граѓаните. Тој изрази уверување дека 2026 година ќе биде успешна на повеќе полиња и дека реформскиот процес ќе донесе видливи придобивки за државата.

Со овие чекори, ВМРО-ДПМНЕ, според Мицкоски, се подготвува за долгорочна стабилност, ново лидерство и силна политичка иднина, во пресрет на партискиот конгрес во 2029 година.


1183

Задолжително

Verified by MonsterInsights