Мицкоски му го покажа местото на Касами: Јас ја составувам Владата
Јас сум задоволен со работењето на господинот Фатмир Лимани и мислам дека е додадена вредност во Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Премиерот Христијан Мицкоски го потсети владиниот партнер од Вреди Билал Касами дека само тој како премиер е надлежен за кадровските решенија во Владата. Потсетувањето од премиерот следи откако Касами изјави дека се подготвува можна смена на министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, бидејќи не е задоволен од неговата работа во извршната власт. Судирот меѓу Касами и Лимани кулминира по локалните избори откако министерот кој беше кандидат за градоначалник на Кичево ги изгуби изборите.
-Не, јас немам ваква информација. Јас сум задоволен со работењето на господинот Фатмир Лимани и мислам дека е додадена вредност во Министерството за социјална политика, демографија и млади. Јас сум мандатар на Владата и јас ја составувам Владата, ако некој тоа го заборавил, да го потсетам – одговори Мицкоски.
Касами во гостување на ТВ21 најави дека за вечерва го свикал Централното собрание на Беса за да разговараат за ефикасноста на нивните функционери во Владата.
-Не можам да кажам дека сме целосно задоволни, бидејќи секогаш е потребна поголема посветеност од сите ресори што ги водиме. Направивме неколку анализи за силните и слабите страни на Движењето Беса во Вреди, и како дел од Вреди во Владата. За утре свикавме состанок на Централното собрание за да ги разгледаме овие прашања и да ја процениме нашата позиција во Владата и да донесеме одлука за нашето понатамошно делување. Верувам дека таму сите функционери ќе известат за тоа каков е резултатот од нивното управување со институциите, а како главно тело на Движењето Беса помеѓу двата конгреса ќе заземеме и ставови за тоа колку сме задоволни и дали можеше да биде подобро – рече Касами.
За тоа дека Касами се заигра во улогата на премиер и при претстојната реконструкција на Владата навести и смена на министерот за правда Игор Филков, Мицкоски одговори:
– Не знам, тоа можете да го прашате господинот Касами.
Лидерот на Беса за ТВ21 изјави дека Филков, би можел да биде опфатен со реконструкцијата на Владата.
-Општо познато е, јавно, дека еден од министрите што ќе бидат реконструирани во реконструкцијата на Владата ќе биде и министерот за правда. Гледам дека се обидува да ја искористи својата слабост, својот неуспех да се справи со толку важно прашање, враќајќи го прашањето на меѓуетнички теми, па за да добие поголеми политички поени од дел од македонската заедница, се обидува да го оправда своето евентуално разрешување со „тука сакав да го заштитам македонскиот јазик“ – рече Касами.