Битола ги брои шампионите: повеќе од 130 имиња во трка за спортскиот трон на градот

Со амбиција да ја потврди својата репутација на „најспортски град во државата“, Општина Битола и Општински сојуз на спортови Битола по 62-ри пат ја организираат манифестацијата „Избор на најдобрите спортисти и екипи на Битола“ за 2025 година. Деталите за настанот беа соопштени на денешната прес-конференција.

Годинашното мото „Верувај во себе, направи шампион“ треба да биде порака, но и предизвик – како за спортистите, така и за институциите што стојат зад спортот во градот.

Претседателот на Сојузот на спортови, Сашко Павловски, информираше дека подготовките се во завршна фаза и дека се очекува присуство на гости од повеќе национални федерации, како и претставници од Министерство за спорт на Северна Македонија.

Според него, интересот годинава бил исклучително голем – пристигнале над 130 предлози во различни категории, што, како што посочи, ја направило селекцијата особено тешка. Ќе бидат избрани десет најдобри спортисти, најуспешни сениорски и младински екипи, како и најдобри млади спортисти.

Градоначалникот Тони Коњановски истакна дека поддршката за спортот останува континуирана и стратешка определба на локалната самоуправа. Тој нагласи дека општината инвестира во спортската инфраструктура, како и во професионалниот и училишниот спорт, додавајќи дека Битола има реална основа да се нарекува најспортски град во Македонија.

Свеченоста ќе се одржи на 17 февруари (вторник) со почеток во 19 часот во Народен театар Битола. Програмата ќе биде збогатена и со изложба на спортска фотографија од четворица автори, поставена во фоајето на театарот, со почеток од 18 часот.

Останува да се види кои имиња ќе ја понесат титулата најдобри за 2025 – и дали градот ќе добие нови херои што ќе ја продолжат спортската традиција по која е препознатлив.


1241

Задолжително

Verified by MonsterInsights