Груби оди во куќен притвор – Кривичен го прифати предлогот на ОЈО Скопје и на одбраната

Од Судот велат дека мерката куќен притвор е определена бидејќи истрагата ја води Јавното обвинителството и согласно законските овластувања тоа оценува која мерка е соодветна и доволна за непречено водење на истрагата

Спроведувањето на мерката куќен притвор, со 24-часовен надзор, ќе го извршува Министерството за внатрешни работи (МВР)

Поранешниот прв вицепремиер и министер Артан Груби, кој по повеќе од една година бегство денеска самиот им се предаде на органите на прогонот, и формално исходот од постапката за случајот „Лотарија“, во кој е осомничен, ќе го чека во куќен притвор.

Од Основниот кривичен суд Скопје доцна вечерва соопштија дека судија на претходна постапка по сослушувањето на Груби донел решение со кое го прифатил предлогот на јавниот обвинител и одбраната за определување мерка куќен притвор со дополнителни мерки за обезбедување на неговото присуство.

Од судот во писменото соопштение наведоа и своевидна хронологија на настаните што уследија откако поранешниот прв вицепремиер денеска наутро се појави сам на граничниот премин „Блаце“ на македонско-косовската граница, по што беше спроведен во затворот „Скопје“ во населбата Шуто Оризари, бидејќи уште во декември 2024 година му беше одреден притвор откако побегна од земјата.

„Откако утрово КПУ затвор ‘Скопје’-Скопје го извести судот дека осомничениот А.Г. од 9:20 часот е спроведен во установата каде што започнал со издржување на мерката притвор, определена со решение од 17.12.2024 година, а стапува во сила од негово пронаоѓање односно лишување од слобода, судот за тоа го извести Основното јавно обвинителство и по нивно барање издаде наредба за спровод на осомничениот пред јавен обвинител за негово сослушување“,се наведува во соопштението од Судот.

Во текот на денот, додаваат оттаму, одбраната на осомничениот Груби до судот доставила предлог за замена на мерката притвор со куќен притвор. Предлогот бил проследен до надлежното јавно обвинителство за да се произнесе по него.

Од Судот велат дека мерката куќен притвор е определена бидејќи истрагата ја води Јавното обвинителството и согласно законските овластувања тоа оценува која мерка е соодветна и доволна за непречено водење на истрагата. Во таа насока, од Кривичен информираат дека Обвинителството до судот доставило писмено известување, во кое дало позитивно мислење за предлогот на одбраната на Груби.

Дополнително, за време на сослушувањето, велат од судот, јавниот обвинител предложил на Груби да му биде определена поблага мерка за обезбедување присуство од онаа што претходно му беше одредена, односно притвор.

Спроведувањето на мерката куќен притвор, со 24-часовен надзор, ќе го извршува Министерството за внатрешни работи (МВР).

„Врз основа на сето тоа судот го сослуша осомничениот во присуство на негов бранител и донесе решение за замена на мерката притвор со мерка куќен притвор со 24-часовен надзор, којшто е доверен на Министерството за внатрешни работи, а дополнително определена е и мерка за претпазливост – одземање на патната исправа и забрана за издавање друг документ за преминување на државната граница“,наведуваат од Кривичен.

Оттаму додаваат дека против решението на судијата на претходна постапка странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет на судот.


1231

Задолжително

Verified by MonsterInsights