ВО БИТОЛА СЕ СНИМА ДОКУМЕНТАРЕН ФИЛМ ЗА АЈРИ ДЕМИРОВСКИ
Во Битола, градот опеан во антологиската “Битола, мој роден крај“, во тек е снимањето на документарен филм за првиот почесен граѓанин на градот на конзулите, Ајри Демировски. Демировски е автор на повеќе од 80 песни, од кои најпознати се “Мариче ле лично девојче“, “Таму ле мајко, близу Битола“, “Само ти се чудам Цвето“, “Сношти те Маре сонував“, “За кого ти цути Дано лицето“, “Чујте ме мили земјаци“, “Денот ми наближа на гурбет да заминам” и секако, неговото најпознато ремек дело, химната на градот “Битола, мој роден крај“.
За ликот и делото на Ајри Демировски, во филмот зборуваат негови пријатели, колеги, композитори, новинари, а на него се присеќава и хроничарот на градот, професорот Александар Стерјовски, кој за жал, не е повеќе меѓу нас.

Предвидено е, екипата која го работи филмот да го посети и неговото семејство во Измир, Република Турција, како и неговото вечно почивалиште, далеку од неговата родна Битола, која толку многу ја сакаше.

Филмот за Ајри Демировски е четвртиот документарен филм на авторот на сценарио и режисер, Шенол Мемиш и снимателот и монтажер, Дејан Младеновиќ.