Вештина на иднината: Нашата цел е модерна, стабилна и одржлива енергетика, истакна Божиновска
Screenshot
На промотивниот настан „Вештина на иднината“, што го организираше АД ЕСМ во Битола, министерката за енергетика, рударство и минерални ресурси Сања Божиновска ја истакна клучната улога на човечкиот фактор во процесот на енергетска трансформација.
Пред вработените во ЕСМ, претставници на Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола и на Европска банка за обнова и развој, Божиновска порача дека иднината на енергетиката не зависи само од нови машини и инфраструктура, туку пред сè од знаењето и стручноста на луѓето.
„Нашата цел е јасна – да имаме модерна, стабилна и одржлива енергетика. Но уште појасна е вистината: иднината на енергијата не ја создава машината, туку луѓето“, рече министерката.
Таа нагласи дека енергетската трансформација започнува со човечкиот капитал, а не со технологијата.
„Можеме да градиме капацитети, можеме да инвестираме во инфраструктура, да носиме стратегии, но без знаење и обучени професионалци, трансформацијата ќе остане само еден план на хартија. Програмата ‘Вештина на иднината’, реализирана со поддршка на ЕБОР и меѓународните партнери, покажа дека модерната енергетика започнува токму тука – со луѓето“, додаде Божиновска.
Во рамки на програмата, повеќе од 600 вработени во АД ЕСМ стекнале нови знаења и компетенции, што, според министерката, ја прави институцијата поотпорна, пофлексибилна и подготвена за идните предизвици на енергетскиот пазар. Таа подвлече дека вложувањето во знаење е подеднакво важно како и инвестициите во нови енергетски капацитети.
„Енергетската трансформација е процес што бара постојано надградување, партнерство и доверба. Модернизацијата не се случува сама – таа се учи, се гради и се води“, истакна Божиновска, најавувајќи понатамошна поддршка за вакви едукативни и развојни проекти.
Заменик-генералниот директор на АД ЕСМ, Реџеп Асани, потврди дека новостекнатите вештини директно ќе придонесат за поефикасно работење и одржлив раст на компанијата.
„Оваа година почнуваме со реализација на три капитални проекти од зелената агенда. Ќе градиме три фотонапонски електрани кои ќе го зајакнат производното портфолио на АД ЕСМ и ќе влијаат на зголемување на домашното производство на електрична енергија од обновливи извори. Веќе е во тек и теренската реализација на втората фаза од ветерниот парк Богданци“, истакна Асани.
Со ова, од ЕСМ испраќаат порака дека паралелно со реализацијата на капитални инвестиции во обновливи извори на енергија, ќе продолжат и со системско вложување во човечкиот капитал, како темел на долгорочна стабилност и одржлив развој на македонската енергетика.