Владата регулирала над 95% од односите со вработените, наскоро одлука за минималната плата за 2026 година
Владата соопшти дека од нејзиниот избор досега се регулирани повеќе од 95 проценти од односите со вработените во јавниот сектор преку колективни договори, кои имаат краен рок за реализација до 2028 година.
Од таму потенцираат дека ставот во однос на прашањата поврзани со работничките права и платите е јасен и непроменет.
Во изминатиот период е постигнат договор со синдикатите УПОЗ и САДУ за зголемување на платите на административните службеници. Во процесот биле вклучени и други синдикални организации кои првично не учествувале во преговорите, со цел да се обезбеди што е можно поширок опфат.
На дневен ред на владината седница денеска е информацијата за утврдување на висината на минималната плата за 2026 година, согласно законските одредби. Се очекува одлуката да биде усвоена на наредната седница на Владата, по што, согласно утврдената висина, исплатата да започне од април, односно со платата за март.
Од Владата изразуваат очекување дека ќе продолжи и ќе се интензивира бипартитниот дијалог меѓу работодавачите и работниците, при што посочуваат дека институциите стојат на располагање за поддршка во рамките на своите надлежности. Според нив, институционалниот дијалог е клучен за постигнување конструктивни и одржливи решенија.