Бесплатен Wi-Fi во срцето на Битола – подобрена услуга за граѓаните и туристите

Во април 2025 година советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Битола предложи и поддржа одлука за учество на општината во европскиот проект EU4Digital – WiFi4WB, кој има за цел обезбедување бесплатен јавен интернет на фреквентни јавни локации.

Иницијативата била прифатена од Советот, по што апликациониот формулар бил подготвен од ИТ секторот на општината и доставен до донаторот.

Денес резултатите од проектот се веќе видливи на терен. На површина од околу 5.000 квадратни метри во Стариот градски пазар е поставена инфраструктура што овозможува бесплатен јавен Wi-Fi интернет за граѓаните, посетителите и трговците кои секојдневно престојуваат во овој дел од градот.

Со воведувањето на оваа услуга се подобрува и туристичката понуда на Битола, бидејќи на домашните и странските посетители им се овозможува полесен пристап до информации, дигитални услуги, мапи, туристички содржини и комуникација за време на нивниот престој во градот.

Од Општина Битола посочуваат дека проектот претставува мал, но значаен чекор кон модерна, дигитална и отворена локална заедница, во која проектите се реализираат во пракса и се ставаат во функција на граѓаните, стопанството и туристите.


1221

Задолжително

Verified by MonsterInsights