„Крај за пушењето?“ Битола подготвува нов план – Коњановски со јасна порака
Во Битола денеска се одржа работилница посветена на зајакнување на контролата на тутунот и подобрување на услугите за одвикнување од пушење, на која свое обраќање имаше градоначалникот Тони Коњановски.
Настанот беше организиран од Министерство за здравство во соработка со Светска здравствена организација и Центарот за семејна медицина, како продолжение на активностите започнати со посетите во декември 2025 година.
Работилницата се одржува во период кога се подготвува нов Предлог-закон за заштита од пушење, како и нови програми за јавно здравје, со цел да се засили координацијата помеѓу институциите на локално ниво. Фокусот е ставен на креирање конкретен Акциски план за 2026 година за Општина Битола, кој треба да ги интензивира активностите за контрола на тутунот и да ја подобри достапноста на услугите за граѓаните.
Посебно внимание се посветува на советувалиштата за одвикнување од пушење, нивната поголема видливост и информираноста на населението за тоа каде и како може да побара помош.
Во своето обраќање, Коњановски ја нагласи улогата на локалната самоуправа во заштитата на јавното здравје, потенцирајќи дека борбата против пушењето бара континуирана ангажираност.
„Како градоначалник, но и како доктор епидемиолог, ја искажувам подготвеноста – и лична и институционална – за уште посилен акцент во кампањите против овој порок. Општина Битола има успешна соработка со канцеларијата на СЗО во Македонија, министерството и со Центарот за јавно здравје Битола, каде веќе неколку години функционира советувалиште за одвикнување од пушење“, изјави тој.
Со оваа иницијатива, локалните власти и здравствените институции испраќаат јасна порака дека борбата против пушењето останува приоритет, а новите мерки треба да донесат поконкретни резултати во заштитата на здравјето на граѓаните.