„Мостови на пријателство” преку танц ги поврзаа битолските ученици
Општина Битола, во соработка со Здружението „Сумнал”, ја одржа завршницата на танцовиот предизвик „Мостови на пријателство”, дел од проект финансиран од Европскиот солидарен корпус на ЕУ.
Учениците од основните училишта преку танц и музика испратија порака за толеранција, заедништво и надминување на етничките поделби.
Градоначалникот Тони Коњановски, кој се обрати на настанот, истакна дека танцот е универзален јазик што не познава предрасуди и создава доверба меѓу младите. Тој нагласи дека Општината ќе продолжи да поддржува иницијативи што го градат единството во заедницата.
По оценувањето на настапите, беа доделени прва, втора и трета награда за најуспешните учесници, но како што порачаа организаторите – најважно е што создадени се нови пријателства.
