Сега секој може да стигне до Лоша стена – погледот ќе ве остави без здив!
Еден од најубавите природни видиковци на Националниот парк „Пелистер“ – Лоша стена – сега е значително подостапен за планинарите, рекреативците и љубителите на природата. Благодарение на новообележаната планинска патека, која води директно до оваа карпеста тераса, глетката што се отвора од неа станува достапна без потреба од тешко планинско искачување.
Патеката, поставена по безбеден и јасно обележан терен, овозможува релативно лесен пристап до Лоша стена, од каде што погледот кон врвовите на Баба Планина останува без здив. Како што објаснуваат искусните планинари, глетката започнува со доминантните три врвови – Пелистер (2.601 м.), Илинден (2.542 м.) и Стив (2.468 м.), кои како камени стражари доминираат во источниот дел на хоризонтот.
Понатаму, погледот се протега на запад, кон Врв Козји камен, па продолжува кон Врв Вртушка, сè до Врв Пирамида. Северно од оваа позиција, окото допира до манастирот „Св. Петар и Павле“, сместен над селото Смилево. Ваквата панорама, која ги опфаќа највисоките и најсликовитите делови на Пелистер, досега беше резервирана главно за искусни планинари на повеќедневни тури.
Со новата обележана патека, Лоша стена се наметнува како идеална дестинација за еднодневен излет, семејни прошетки и училишни екскурзии, притоа задржувајќи го својот автентичен див изглед. Од Паркот апелираат до посетителите да ја чуваат природата, да не оставаат отпад и да се движат само по обележаните патеки, за да се зачува оваа природна убавина и за идните генерации.
Лоша стена, веќе не е само врв за најхрабрите – таа станува визит-карта на Пелистер до која води патоказ за секој што сака да го почувствува величието на планината.
