Градоначалникот на Битола на средба со амбасадорот на Шведска
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, денеска оствари средба со амбасадорот на Шведска во Република Македонија, Ола Сулстром, кој е во официјална посета на општината.
На средбата беа разменети мислења за билатералните односи меѓу двете земји, при што градоначалникот Коњановски го запозна амбасадорот со Битола како град со богата историја и култура, како и со туристичките атракции и природните убавини на градот под Пелистер. Беа претставени и економските потенцијали на општината, кои се сè поатрактивни за странски инвеститори.
Во рамки на посетата, Коњановски и Сулстром денеска ќе бидат говорници на Националниот настан за вмрежување на Локалните економско-социјални совети (ЛЕСС), на тема „Праведна енергетска транзиција во Пелагонија – нови вештини, иновации и одржлив економски развој“.
На крајот од средбата, градоначалникот му врачи пригоден подарок на амбасадорот, кој се заблагодари за гостопримството.