Историски успех за Македонците во Албанија: Европско собрание за јазична разновидност во 2027 во Албанија
Голем дипломатски и институционален успех постигна македонската заедница во Албанија, откако Мрежата за промовирање на лингвистичка разновидност – Network to Promote Linguistic Diversity (НПЛД), на своето Генерално собрание во Стокхолм, едногласно го прифати предлогот следното Генерално собрание во 2027 година да се организира во Албанија, во соработка со Македонско друштво „Сонце“.
Предлогот бил претставен пред делегатите на Генералното собрание од претставници на друштвото, при што добил целосна поддршка од членовите на оваа престижна европска мрежа. Според македонската заедница во Албанија, станува збор за историски момент што отвора ново поглавје во меѓународната афирмација на Македонците во земјата.
На собирот во 2027 година се очекува присуство на повеќе од 100 учесници од цела Европа, меѓу кои експерти од Совет на Европа, Европска комисија, универзитети, организации за малцински права и претставници на регионални власти и институции задолжени за политики поврзани со малцинските и регионалните јазици.
Организаторите оценуваат дека ова ќе биде значајна можност европската јавност директно да се запознае со положбата, правата и предизвиците со кои се соочуваат Македонците во Албанија.
„Со ова прашањето за положбата на Македонците во Албанија го издигнуваме на европско ниво. Нашиот глас станува дел од европските институции и политики за заштита на малцинските права и јазичната разновидност“, посочуваат од Македонското друштво „Сонце“.
Од таму изразија благодарност до НПЛД за довербата и поддршката, потсетувајќи дека друштвото станало членка на мрежата во 2024 година. За краток период, како што наведуваат, успеале да се позиционираат како доверлив и почитуван партнер во европското семејство на организации што работат во областа на јазичната и културната разновидност.
Посебна благодарност беше упатена и до Македонско меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) од Торонто, кое ја поддржува работата на друштвото и ја покрива членарината во НПЛД.
Од Македонското друштво „Сонце“ порачуваат дека и понатаму ќе продолжат „достоинствено, европски и обединето“ да се борат за правата, идентитетот и иднината на Македонците во Албанија.