Божиновска во Истанбул: Соработката е клучна за енергетската стабилност на регионот
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска учествуваше на 29. Евроазиски економски самит во Истанбул, каде што светски лидери, дипломати и експерти разговараа за глобалните предизвици поврзани со енергетиката, безбедноста и новиот геополитички поредок.
Самитот, кој годинава се одржа под мотото „Global Responsibility – The Post-War World with War, Terrorism, Conflict, and Involuntary Migration“, отвори дебати за енергетската безбедност, климатските промени, миграциите, економската стабилност и потребата од посилна меѓународна соработка во време на глобални кризи.
Во рамки на панелот „Energy and Economy in the Post-War World alongside War, Terror, Conflict and Forced Migration“, Божиновска истакна дека енергетиката денес одамна не е само економско прашање, туку прашање на национална стабилност, безбедност и отпорност на државите.
Таа порача дека во современиот свет изолацијата не може да биде решение, потенцирајќи дека регионалната и меѓународната соработка се неопходни за справување со енергетските и економските предизвици.

Според министерката, Северна Македонија активно работи на диверзификација на енергетските извори, зголемување на инвестициите во обновливи извори на енергија и модернизација на енергетската инфраструктура, со цел поголема независност и сигурност на системот.
Посебен акцент во нејзиното обраќање бил ставен на енергетското поврзување на Балканот, кое, како што оценила, денес претставува геополитичка неопходност, а не само инфраструктурен проект.
Божиновска предупредила и дека зелената транзиција мора да биде праведна и одржлива, без создавање дополнителна енергетска сиромаштија и продлабочување на економските разлики, особено кај земјите во развој и транзиција.
Таа нагласила дека малите држави не смеат да останат пасивни набљудувачи на глобалните процеси, туку треба активно да учествуваат во креирањето на новите политики и партнерства.
Учеството на македонската делегација на вакви меѓународни форуми, според оценките од самитот, претставува важен чекор за позиционирање на државата како кредибилен партнер во дебатите за енергетската иднина, економската стабилност и регионалната соработка.