Коњановски и Рокас од Офицерски: Младите се срцето на европска Битола
Во духот на европските вредности, музиката и младинската енергија, во „Европската куќа“ во Битола, сместена во Офицерскиот дом, беше одбележан 9 Мај – Денот на Европа, во присуство на голем број млади луѓе, граѓани и гости.
На прославата присуствуваше градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, заедно со амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Михалис Рокас, кои испратија пораки за значењето на европското единство, културната соработка и улогата на младите во градењето на современо и отворено општество.
Под мотото „Уживај ја Европа со музика“, настанот донесе урбана атмосфера и современ музички концепт, а за забавата беа задолжени „DJ Dejan Dex“ и алтернативниот бенд Funk Shui, кои со своите настапи создадоа одлична атмосфера во срцето на Битола.
Градоначалникот Коњановски истакна дека ваквите настани имаат особено значење за младите генерации, бидејќи преку културата, музиката и дружењето се градат вредности на заедништво, толеранција и европска припадност.
„Битола отсекогаш била град на културата, дијалогот и европскиот дух. Особено радува кога младите се во центарот на ваквите прослави, затоа што токму тие се иднината на Европа“, беше порачано на настанот.
Прославата помина во одлична атмосфера, исполнета со музика, дружење и позитивна енергија, а Офицерскиот дом уште еднаш се потврди како едно од главните урбани и културни собиралишта во Битола.