Завршени работи на улица 210 во Стрчин, надминат проблемот со недостиг на вода
ЈКП „Водовод“ – Битола ја заврши реконструкцијата и изведбата на улица 210 и крак од истата во населба Стрчин, како дел од тековните активности насочени кон унапредување и модернизација на комуналната инфраструктура во градот.
Со реализацијата на интервенцијата, значително е подобрена сообраќајната пристапност во овој дел од населбата, а воедно се создадени и подобри услови за непречено одвивање на секојдневните активности на жителите. Паралелно со градежните работи, е имплементирана и зонска поделба на водоснабдителниот систем, со што е надминат долгогодишниот проблем со недостиг на вода во повисоките делови од населбата. Со оваа интервенција се обезбедува порамномерно, постабилно и поквалитетно снабдување со вода за домаќинствата.
Овие активности претставуваат дел од пошироката стратегија за континуирано подобрување на водоводната и патната инфраструктура, со цел подигнување на квалитетот на услугите и унапредување на урбаните услови за живеење.
Во наредниот период е планирано започнување на реконструкцијата на улица 150, со што ќе продолжи фазната реализација на инфраструктурните зафати во населба Стрчин. Со тоа, се очекува дополнително уредување на уличната мрежа и зајакнување на функционалноста на урбаниот дел од населбата.