ЈКП „Водовод“: Следува дигитална трансформација и модернизација на водоводниот систем
ЈКП Водовод – Битола станува дел од значаен меѓународен проект насочен кон модернизација и унапредување на комуналните услуги во државата. Станува збор за проектот „Отпорни и ефикасни комунални претпријатија во Република Македонија“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија, а реализиран во соработка со Министерство за животна средина и просторно планирање, општините и јавните комунални претпријатија вклучени во програмата.
Во рамки на проектните активности, битолски „Водовод“ доставил повеќе проектни предлози и инвестициски мерки чија основна цел е зголемување на ефикасноста, одржливоста и сигурноста во функционирањето на претпријатието. Со предложените активности се предвидува сериозна технолошка и оперативна модернизација на системите со кои управува претпријатието.
Меѓу клучните приоритети се модернизација на системите за мониторинг и управување, намалување на загубите на вода во дистрибутивната мрежа, подобрување на енергетската ефикасност, како и надградба на постојниот SCADA систем. Дополнително, планирана е имплементација на современа мерна и контролна опрема, што треба да овозможи попрецизно следење на состојбите во водоводната мрежа и побрза реакција при дефекти и загуби.
Посебен акцент во проектот е ставен и на дигитализацијата на деловните и оперативните процеси. Со воведување современи дигитални решенија, се очекува подобрување на управувањето со ресурсите, оптимизација на работните процеси и подигнување на квалитетот на услугите кон граѓаните.
Од претпријатието посочуваат дека ваквите инвестиции се од исклучително значење за долгорочна стабилност на водоснабдителниот систем, особено во услови на зголемени потреби за ефикасно управување со водните ресурси и намалување на оперативните трошоци.
Проектот претставува уште еден чекор кон создавање современо и технолошки унапредено комунално претпријатие, кое ќе може поефикасно да одговори на потребите на граѓаните и предизвиците на модерното урбано функционирање.