ПЕЛИСТЕР ДЕНЕС ГО ИГРА НАЈВАЖНИОТ МЕЧ – БИТОЛА НА НОЗЕ ЗА ОПСТАНОК ВО ПМФЛ
Фудбалскиот клуб Пелистер денес, во недела (31 мај 2026), го игра еден од најважните натпревари во сезоната – баражот за опстанок во Првата македонска фудбалска лига против Шкендија Арачиново, кој се игра во Кавадарци.
Во Битола владее вистинска спортска еуфорија, а градот дише за својот клуб. Сè е насочено кон денешниот дуел, кој за „зелено-белите“ има огромно резултатско, но и симболично значење.
Навивачката група Чкембари најави масовно присуство во Кавадарци и силна поддршка од трибините. Се организира и навивачки карван, со цел Пелистер да има максимален ветер во грб во клучниот натпревар.
Атмосферата дополнително е засилена и од спортското единство во градот. Поддршка пристигна и од ракометниот клуб Еурофарм Пелистер, чиј капитен Филип Кузмановски испрати силна порака за поддршка на фудбалерите.
„Сите ние сме Пелистер, денес сите сме ФК Пелистер“, порача Кузмановски, нагласувајќи дека целиот спортски колектив стои зад фудбалскиот клуб во овој решавачки момент.
Натпреварот во Кавадарци се доживува како повеќе од спортски дуел – како битка за статус, за клубот и за градот. Битола повторно е обединета околу зелено-белата боја, со една јасна цел: Пелистер да остане дел од елитата на македонскиот фудбал.