Витаминка одбележува 70 години постоење – македонски бренд со силна традиција и современа визија
Македонската прехранбена компанија Витаминка одбележува 70 години постоење, афирмирајќи се како еден од најпрепознатливите и највредните домашни брендови кои ја обликувале навиката и вкусот на повеќе генерации потрошувачи.
Основана во 1956 година во Прилеп, компанијата започнала скромно со производство на мелен црвен пипер, за денес да прерасне во реномиран производствен систем со широк асортиман на прехранбени производи. Низ децениски развој, Витаминка изгради портфолио што опфаќа слатки и солени производи, креми, мајонези, кечапи, бисквити и освежителни пијалаци, меѓу кои се препознатливите брендови како Стоби Флипс, Цевитана, како и други производи што се присутни во секојдневната потрошувачка во земјата и пошироко.
Компанијата се позиционира како бренд што ја негува традицијата, но истовремено следи современи трендови во производство и комуникација со потрошувачите. По повод јубилејот, Витаминка ја претстави и својата нова рекламна кампања и AI-генериран спот „Кој би помислил, од една пиперка… до цел свет на вкусови“, кој преку современа визуелна нарација го прикажува развојниот пат на брендот и неговото наследство.
Рекламата, реализирана од тимот на Дивижн маркетинг и адвертајзинг, претставува времеплов низ најзначајните производи и периоди од историјата на компанијата, нагласувајќи ја емоционалната поврзаност со потрошувачите и континуитетот на квалитет и доверба.
Со овој јубилеј, Витаминка ја потврдува својата улога како стабилен и препознатлив македонски бренд, кој успешно ја спојува традицијата со современите технологии и останува длабоко вкоренет во секојдневниот живот на потрошувачите.