СДСМ и Македонија: зошто името исчезна од најважната партиска порака?

СДСМ својот 32. програмски конгрес го одржа под слоганот „Твоја држава, твоја шанса“. Порака што требаше да внесе оптимизам и чувство на припадност. Наместо тоа, кај многумина отвори едно суштинско прашање: зошто повторно го нема името Македонија?

Во политиката зборовите никогаш не се случајни. Особено не кога станува збор за централен слоган на конгрес кој треба да означи нов почеток. Ако државата е толку важна во визијата на СДСМ, зошто не беше именувана? Зошто не „Твоја Македонија, твоја шанса“?

Отсуството на името на државата неизбежно отвора и друга дилема. Дали СДСМ повеќе не ја чувствува државата како своја? Дали со инсистирањето на „твоја држава“ несвесно испраќа порака дека државата им припаѓа на граѓаните, но не и на партијата што со децении тврди дека е еден од нејзините главни државотворни столбови?

Уште поинтересно е што токму СДСМ беше политичкиот субјект што ја презеде одговорноста за најконтроверзната одлука во поновата историја – додавањето на придавката „Северна“ во уставното име на државата. Со години партијата тврдеше дека тоа е цена за европската иднина и стратешки интерес на Македонија. Ако и денес стои зад таа политика, тогаш зошто избегнува да го изговори името? А ако избегнува, дали тоа значи дека и самата чувствува дека дел од јавноста никогаш не ја прифати таа одлука?

Секако, можно е слоганот да е само маркетиншка конструкција. Но политиката не живее само од намерите, туку и од впечатокот што го остава. А впечатокот е дека СДСМ зборува за државата, но внимателно избегнува да ја именува.

Затоа прашањето останува отворено: ако ова е нивната визија за иднината, ако веруваат во сопствените политики и ако се сметаат за државотворна партија, тогаш зошто Македонија ја нема во нивниот најважен слоган?

И дали, можеби, најголемата дилема по овој конгрес не е „чија е шансата“, туку дали СДСМ денес ја чувствува Македонија подеднакво своја како што очекува граѓаните да ја чувствуваат своја?

Пишува Световид

Колумните се лични ставови на авторите и Pelanet.mk не носи одговорност за нив.


1105

Задолжително

Verified by MonsterInsights