Битола уште еднаш испрати порака за семејните вредности преку „Вистинската парада на гордоста“
Во Битола вечерва по шести пат се одржа традиционалниот марш „Вистинска парада на гордоста“, кој, според организаторите, претставува контра-марш на манифестацијата „Парада на гордоста“ што попладнето се одржа во Скопје.
Маршот започна од плоштадот „Магнолија“, продолжи по Широк Сокак и заврши пред Офицерскиот дом, при што учесниците мирно продефилираа низ центарот на Битола.
Организаторите истакнаа дека настанот има цел да ги афирмира семејните вредности, родителството и правото на слободно изразување на сопствените убедувања. Како основни начела на маршот ги посочија домот, семејството, родителите – мајка и татко – и децата, нагласувајќи дека тие вредности се темелат на православната христијанска вера.
Претставникот на организаторите, Игор Петковски, изјави дека „Вистинска парада на гордоста“ се одржува по шести пат и претставува можност граѓаните јавно да ги изразат своите ставови.
„Сакаме да ги истакнеме начелата од кои сме водени. Ако на нешто треба да бидеме горди, тоа се домот, семејството, родителството и нашите деца. Не шириме омраза, никого не навредуваме и го почитуваме правото секој да има свое мислење. На овој начин го остваруваме и нашето право на слободно изразување на ставовите“, истакна Петковски.
Според организаторите, маршот претставува мирен собир чија основна цел е промоција на семејните вредности, зачувување на традиционалните начела и поддршка на семејството како темел на општеството.
