Светите апостоли Петар и Павле – столбови на Христовата Црква и апостоли на верата

На 12 и 13 јули Македонската православна црква и верниците ги одбележуваат празниците посветени на светите првоврховни апостоли Петар и Павле – двајца од најзначајните Христови ученици и темелите на раната христијанска Црква.

Петровден – 12 јули

Петровден е еден од најголемите христијански празници. Му претходи Петровденскиот пост, а на самиот ден верниците што постеле се причестуваат. Во Македонија се зачувани бројни народни обичаи, меѓу кои најпозната е Галичката свадба, која традиционално се одржува на Петровден.

Свети апостол Петар, чие првобитно име било Симон, бил рибар од Витсаида и брат на апостолот Андреј Првоповикан. Христос му го дал името Кифа, односно Петар – „карпа“, нагласувајќи ја неговата цврста вера. Иако трипати се откажал од Исус пред распнувањето, искрено се покајал и станал еден од најревносните проповедници на Евангелието. По Христовото Вознесение проповедал во Палестина, Мала Азија и Рим, каде што маченички бил распнат на крст, по сопствена желба со главата надолу, сметајќи дека не е достоен да умре како својот Учител.

Во народното предание Свети Петар ги чува клучевите од рајот, па најчесто е прикажан со клучеви во рацете.

Павловден – 13 јули

На 13 јули се празнува Соборот на светите 12 апостоли, а посебна почит му се оддава на Свети апостол Павле.

Роден како Савле во Тарс, тој првично бил жесток прогонувач на христијаните. На пат кон Дамаск доживеал чудесно видение на воскреснатиот Христос, по што се преобратил, се крстил и станал еден од најголемите проповедници на христијанството. Со своите мисионерски патувања ја ширел верата низ Мала Азија, Грција и Рим, каде што маченички го завршил животот во времето на царот Нерон.

За Македонија Свети Павле има особено значење, бидејќи токму по „македонското видение“ пристигнал во Филипи – првиот европски град каде што ја основал првата христијанска заедница на европско тло. Подоцна проповедал и во Солун и Бер, оставајќи неизбришлива трага во историјата на христијанството на овие простори.

Апостолските трудови на Петар и Павле ја зацврстиле Црквата и ја поставиле основата на апостолската вера, која и денес претставува еден од темелите на православното христијанство.


1153

Задолжително

Verified by MonsterInsights