ОК ВМРО-ДПМНЕ Битола одбележа 36 години од формирањето
Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Битола вечерва одбележа 36 години од своето формирање. На настанот се обрати претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој истакна дека битолскиот општински комитет е еден од најсилните во државата и дека низ годините покажал подготвеност навремено да реагира и да одигра значајна улога во клучните политички моменти. Според него, Битола има посебно место во развојот и силата на партијата.
Пред присутните се обрати и претседателот на ОК ВМРО-ДПМНЕ Битола, Горан Исков, кој нагласи дека комитетот останува посветен на визијата за развој на Битола и подобар живот за нејзините граѓани. Тој порача дека партијата ќе продолжи со постојано присуство меѓу граѓаните и директна комуникација со нив.
Исков упати јавен повик за соработка до сите граѓани, истакнувајќи дека Општинскиот комитет ќе применува современ пристап во своето работење, заснован на брза реакција, непосредност и лидерство, како одговор на предизвиците што ги носи современото политичко делување.
Одбележувањето на 36-годишнината беше заокружено со пораки за единство, продолжување на политичкото дејствување и очекувања за нови успеси на ВМРО-ДПМНЕ во Битола и на национално ниво.